NEWSLETTER, АПРИЛ 2008
Стартуваа преговорите со ММФ
Стартуваа преговорите меѓу македонските власти и Меѓународниот монетарен фонд. На први април започнаа разговорите на техничко ниво, а за следниот ден беше закажана средба со шефот на Мисијата на ММФ, Марк Грифитс.
Централна тема на разговор меѓу двете страни беше високата инфлација во земјава. Нашите власти и ММФ треба да ја ревидираат стапката на инфлација за оваа година откако стана дефинитивно сигурно оти таа нема да се задржи на претходно проектираните три проценти.
Од Канцеларијата на ММФ во Скопје изјавија дека, според нивните прогнози, просечната годишна стапка на инфлација за 2008 би требало да достигне меѓу 4 и 5 проценти. Од друга страна, гувернерот на Народна банка на Македонија, Петар Гошев, изјави дека се очекува просечната стапка на инфлација да се движи во интервалот меѓу 6 и 7 проценти. Останува да се види со какви нови проекции ќе излезат двете страни по завршувањето на преговорите.
Пет милиони евра кредит за мали и за средни претпријатија
Европската банка за обнова и развој, преку ТТК банка, одобри кредитна линија од пет милиони евра за финансирање и развој на мали и на средни претпријатија во нашата земја. Ова на 4 април, на стопанственици и бизнисмени од тетовскиот крај им го соопшти Адријано Семен, меѓународен банкарски експерт и консултант од италијанската ЕУРЕКНА, со седиште во Скопје.
Кредитната линија има цел да им помогне на приватните иницијативи преку кои ќе се обезбеди побрз економски развој на земјата и истовремено ќе се придонесе за отворање нови работни места. Во ТТК банка од минатата година е акционер и Европската банка за обнова и развој, која се вбројува во групата средни банки во земјата, но со комплетен банкарски сервис преку кој опслужува повеќе од 35.000 клиенти.
За британските бизнисмени не е пресудно членството во НАТО

На странските инвеститори во Македонија не им е важно членството на земјава во НАТО. Според нив, најважен е фактот дека земјата е политички стабилна и дека бележи економски раст.
„За нас нема значење поканата за членство на Македонија во Алијансата. Инвеститорите веќе се тука и ништо не им значи тоа. Секако дека сакаме Македонија да добие покана за членство, но нејзиното недобивање нема да влијае многу на нас“, изјави Реј Пауер, претседател на Британската бизнис-група во Македонија, нa прес-конференцијаta по повод првото годишно генерално собрание. Според Пауер, НАТО е воена организација, а за просперитет на граѓаните пресудна е економијата.
„Деловната заедница го прави просперитетот, а ние сме тука. Знаеме дека во Македонија постои политичка стабилност, а за бизнис-секторот тоа е единствено важно“, додаде Пауер и појасни дека тој воопшто не е загрижен од евентуални промени на политичката ситуација во Македонија.
„Во Македонија гледаме позитивна иднина, а економскиот раст е очигледен. Јасно е дека тој тренд ќе продолжи и натаму“, потенцира Пауер.
Британскиот амбасадор Ендрју Ки не сакаше да коментира ништо во врска влезот на Македонија во НАТО, но убеден е дека иднината на Македонија е во НАТО и во Европската унија.
Според Веле Самак, министер за привлекување странски инвестиции, само на еден процент од потенцијалните странски инвеститори им е важно членството на Македонија во НАТО, што е занемарлива бројка. Сведоци за тоа се инвеститорите кои веќе се влезени на наша почва.
„Одлуката на НАТО не влијае врз нашите планови. Разочарани сме од одлуката земјава да не влезе во Алијансата, бидејќи очекувавме дека ќе ја добиете поканата за влез, како преоден чекор за влез во ЕУ, но тоа воопшто не влијае врз нашите одлуки. Нашите планови остануваат исти. Доаѓаме со очекување дека земјава ќе влезе во ЕУ во наредните десет години. И ако влезете и ако не, тоа не ги погодува нашите планови“, изјави Колин Џефри, регионален директор на „Џонсон Мети“ за Македонија.
Според министерот за финансии, Трајко Славески, добро е да се биде член на асоцијација како НАТО, бидејќи тоа од економски аспект игра улога на голема осигурителна куќа која ги гарантира некомерцијалните ризици за инвестициите. „Сепак, еднакво е битно и она што го прави Владата со своите партнери од другите земји и со заинтересираните инвеститори“, смета Славески.
Австриска „Уника груп“ ја презеде „Сигал Македонија“

„Уника груп“ од Австрија стана сопственик на 45,6 отсто од акциите на „Сигал холдинг“, чија членка е „Сигал Македонија“. Со оваа промена австриската компанија стана најголем поединечен акционер во „Сигал“ и има намера на македонскиот пазар да понуди квалитетни и иновативни осигурителни полиси. Андреас Брандштетер, член на Бордот на „Уника груп“, Австрија, изјави дека ќе понудат најразлични видови полиси за осигурување моторни возила, имот и други индивидуални осигурувања. „Македонија е пазар со огромни потенцијали за развој на осигурителниот бизнис“, рече Брандштетер. Според него, неуспехот во НАТО не претставува пречка за повеќето странски инвеститори кои се заинтересирани за Македонија.
„Ингра“ дефинитивно го купува „Маврово“
И покрај неуспехот на Македонија да влезе во НАТО, странските инвеститори, сепак, инвестираат во земјава. Пример за тоа е хрватска „Ингра“, која дефинитивно ја купува домашната градежна компанија „Маврово“. Комисијата за хартии од вредност му даде дозвола на хрватскиот инвеститор да ја почне постапката за преземање акции од „Маврово“.
„Понудата за откуп на акции се однесува за 154.210 обични акции на АДГ ’Маврово‘ - Скопје. Тоа значи дека сите акционери што поседуваат акции со право на глас во скопската градежна компанија можат да му ги продадат на хрватскиот инвеститор. ’Ингра‘ се обврза да ги откупи хартиите од вредност по цена од 2.500 денари. Taa откупи 51 отсто од капиталот на домашната компанија „Маврово“. Понудата за откуп на акциите на "Маврово" се' уште е во тек и трае до 29 април. Хрватската компанија е заинтересирана да ги откупи сите достапни акции од акционерите.
Од „Ингра“ информираат дека преку „Маврово“ ќе можат да остварат голем дел од планираните проекти. Портпаролот на „Ингра“, Данко Дебан, нагласи дека нема да има отпуштања вработени од компанијата. Според него, иако „Маврово“ пријави загуба за минатата фискална година, тоа не би требало да претставува проблем за „Ингра“.
„Засега работиме на стратегија за санирање на долговите. Нема да отпуштаме вработени, бидејќи наша цел е да ја развиваме компанијата, а тоа не би било возможно доколку има отпуштања“, појасни Дебан.
„Мајкрософт“ продолжува да инвестира во земјава

Компјутерскиот гигант „Мајкрософт“ најавува дека планира и натаму да инвестира во Македонија. Според генералниот менаџер на „Мајкрософт“ за Југоисточна Европа Горан Радман, во изминатите четири години компанијата е задоволна од постигнатите резултати во земјава. „Сепак, имајќи го предвид потенцијалот што го има во Македонија, можеме да констатираме дека има уште многу за работа. Во изминатите четири години сме задоволни од резултатите што ги постигнавме на македонскиот пазар, и во иднина планираме да продолжиме со инвестиции“, рече на прес-конференцијата одржана на 8 април Радман. „Но, во Македонија се' уште се користат многу факс-машини наместо компјутери. За да се користи компјутер, потребно е знаење, кое многумина се' уште го немаат“, додаде тој.
Радман смета дека најголемиот потенцијал што го има Македонија се Македонците, а развојот на домашните капацитети ќе се подобри со развивањето на човековите ресурси.
На конференцијата, одржана на 8 април, која освен во Македонија истовремено се одвиваше и во други земји низ светот, претставници на „Мајкрософт“ и на домашните компании учествуваа на форум за иновации и беа запознаени со нов софтвер. Новитет од компанијата е „Мајкрософт сервер 2008“, софтвер наменет за средни и за големи претпријатија. За разлика од неговиот претходник, новиот софтвер е поедноставен за употреба и нуди поголема безбедност на податоците. „’Мајкрософт сервер‘ 2008 веќе е пласиран на пазарот. Веруваме дека во брзо време сите компании со кои имаме деловна соработка ќе почнат да го користат“, рече Илијанчо Гаговски, директор на канцеларијата на „Мајкрософт“ во Македонија.
„Денови на кариера“ 2008 -
“Today’s Students – Tomorrow’s Leaders”
„Денови на кариера“ е едукативен семинар (10–12.04) на кој учествуваа 250 сeлектирани квалитетни студенти-учесници, за кои, познати македонски компании и организации, како CS Global, Business Start-up Centre, Cosmofon, како и професори од Економски факултет – Скопје, подготвија обуки и модули, на утврдената тема – „Развој на кариера“. Во текот на овие обуки студентите имаа можност да добијат, пред се, информации и слика за тековниот пазар на трудот во Македонија, а потоа беше предвидено да поминат низ неколку сесии со крајна цел да си го дефинираат своето посакувано место во општеството, идните планови и насоки на развој. Последниот ден од семинарот се одржаа обуки со цел да им се помогне на студентите на патот во остварување на поставените цели. Едукативниот семинар се одржа во просториите на Економскиот факултет, како резултат на добрата соработка со факултетот, кој е секогаш подготвен за поддршка на настани кои нудат можности за студентите.
Саемот на компании траеше од 14 до 16 април. На овој саем секоја компанија , учесник или партнер имаше свој промотивен штанд на платото за информирање на заинтересираните студенти за своите кадровски потреби. Истите ги презентираа можностите кои ги нудат и во отворен амфитеатар, за време на настанот. Компаниите имаа определено време на располагање и за интервјуирање и запознавање со своите потенцијални идни вработени, во просторија на факултетите, со што студентите добија можност да се презентираат себеси пред таргетираните работодавци.
AIESEC Скопје ја презема одговорноста за логистичка поддршка на настанот. Организацијата во целост се погрижи за промотивната покриеност на “Career Days”, стартувајќи со кампањата од 18 февруари, дата од која студентите можеа да ја пополнат on line апликацијата на веб страницата www.careerdays.org.mk, врз основа на која беа избрани учесниците на едукативниот семинар. Оваа база, со моментална бројка од 500 студенти, е предадена на компаниите како краен производ.
Долгорочниот бенефит се согледува од функционирање на www.careerdays.org.mk како on-line медијатор меѓу студентите и компаниите, платформа која ќе фунционира и по настанот, каде компаниите ќе можат да огласуваат отворање на работни позиции во текот на целата година, а студентите ќе можат да ги обновуваат информациите во своите активни CV–а.
Првиот потпретседател на ЕБОР во посета на Македонија
Делегација на Европската банка за обнова и развој, предводена од првиот потпретседател Варел Фриман, од 16 април престојуваше во дводневна посета на Македонија. Во составот на делегацијата беа и директорот на бизнис-групацијата за Централна Европа и Западен Балкан, Питер Рајнигер, и директорот за Западен Балкан, Клаудио Виецоли. За време на посетата, делегацијата на ЕБОР имаше средби со претставници на државниот врв, бизнис-заедницата, како и со претставници на меѓународната заедница во Скопје.
По дводневната официјална посета, претставници на ЕБОР најавија дека банката ќе се вклучи во финансирањето на неколку клучни инфраструктурни објекти.
Првиот потпретседател Варел Фриман, по остварените средби со државни претставници, деловни партнери и дипломатскиот кор, изрази надеж за успешна соработка со локалните власти. „Очекуваме ЕБОР наскоро да биде поканета да учествува во финансирањето на изградбата на најмалку еден значаен автопат во Македонија“, изјави Фриман, не откривајќи детали.
Тој посочи дека за успешна работа на ЕБОР во Македонија мора да постои интерес од страна на компаниите и властите. „Ова е навистина интересно време за Македонија и тоа го признаваме. Но, исто така, е важно да се признае дека ЕБОР е институција којашто има долгорочна обврска кон економската транзиција на Македонија, како и обврска за зајакнување на поддршката на приватниот сектор во земјата“, рече Фриман.
Според најавите, ЕБОР изразува подготвеност за поддршка на развојот на локални бизниси во приватниот сектор, привлекување странски инвестиции, работење со финансискиот сектор со цел да се помогне во развојот на малите банки.
Италијански бизнисмени заинтересирани за енергетиката и за изградба на хотел
Италијански бизнисмени се заинтересирани да инвестираат во енергетиката и во изградба на хотел во земјава. Претставниците на италијанската бизнис- делегација на средбата со вицепремиерот Зоран Ставрески, покажале интересирање за енергетската сфера, за животната средина во делот на управување со отпад и води, како и за изградба на станови за домување и хотел од брендовите „Шератон“ и „Хилтон“.
„Констатиравме дека Македонија е интересна за инвестирање. Претприемачите што се со мене заинтересирани се да инвестираат во животната средина за водите, да соработуваат со Владата при развојот на енергетскиот сектор за производство на електрична енергија, хидроенергија и можностите за искористување на маслото како можен извор на енергија, за изградба на станови и светски реномиран хотел во Скопје“, изјави по средбата претседателот на „Де Џенаро груп“, Даниеле Џулио де Џенаро, кој ја предводи италијанската бизнис- делегација. Тој додаде дека еден од италијанските бизнисмени во делегацијата е сопственик на седум хотели од брендовите „Шератон“ и „Хилтон“ и е заинтересиран за влез во Македонија.
„Најголемо интересирање имаше за областа на енергетиката, поради што ние им ги објаснивме можностите за инвестирање во комбинираната гасна електрана во Скопје, како и во мини-електраните. Разговаравме и за инвестирање во недвижен имот со изградба на станбени објекти и хотели, за што покажаа интересирање поради можноста странци да можат да купуваат градежно земјиште и станови“, истакна Ставрески.
Италијанските стопанственици имаа состаноци и со министрите за транспорт и за животна средина, како и со директорите на ЕЛЕМ и на Агенцијата за странски инвестиции, каде што ќе можат да добијат пошироки информации за секторите за кои се заинтересирани.
Германски „Хохтиф АГ“ сака да инвестира во скопскиот аеродром

Германската градежна компанија „Хохтиф АГ“ е заинтересирана да инвестира во скопскиот аеродром „Александар Велики“, пренесува весникот „Financial Times Deutschland“. Без да открива детали, весникот се повикува на портпаролот на компанијата, кој вели дека до македонската Влада веќе е испратено писмо за интерес. „Хохтиф“ веќе има удели во аеродромите во Тирана и во Атина.
Според планот на македонската Влада, најдобриот понудувач ќе треба да инвестира 300 милиони евра во проширување и изградба на трите аеродроми во земјата. Поголемиот дел од инвестицијата се однесува на скопскиот аеродром, каде што треба да се гради нов терминал за патници.
Германската градежна компанија има удели и во аеродроми во Сиднеј, Будимпешта, Хамбург и во Дизелдорф, а заработката на нејзиниот аеродромски сектор во 2007 година, пред оданочувањето, изнесува 142 милиона евра, се вели во информацијата на „Financial Times Deutschland“.
Германците сакаат да инвестираат во енергетиката и во бизнис-центар

Германски бизнисмени се заинтересирани да инвестираат во земјава, посебно во енергетиката, финансискиот сектор, инфраструктурата, како и за градење голем бизнис-центар кај касарната „Илинден“. Ова е најавата од дваесетина бизнисмени од Германија, кои ја придружуваа државната делегација на германскиот претседател Хорст Келер на средбата со вицепремиерот Зоран Ставрески.
Германските стопанственици најмногу биле заинтересирани за енергетиката, за малите и за големите хидроелектрани, за финансискиот сектор, за соработка за финансирање покрупни проекти во инфраструктурата, аеродромите, патиштата и Интернет-банкарството, за изработка на електронски здравствени картички и во областа на животната средина.
Бизнисмените од Германија пројавиле интерес и за неподвижен имот, особено за реализација на крупен проект на Владата кој предвидува кај касарната „Илинден“ да се изгради голем резиденцијален и бизнис-центар. Заради комплетирање на овој проект, Ставрески очекува до крајот на годината да бидат завршени подготовките за проектот и тој да биде вметнат во Деталниот урбанистички план.
Македонија и Германија најдобро соработуваат во трговијата, а се очекува подобрување на соработката во делот на инвестирањето на германски фирми во Македонија. Во делегацијата биле присутни претставници на средни претпријатија кои бараат заеднички интерес со македонски бизнисмени.
Парламентарниот државен секретар Хардмуд Шауерте, кој ја предводеше стопанската делегација, за медиумите изјави дека германската економија е заинтересирана за соработка во повеќе области кои би можеле да помогнат за забрзан развој, посочувајќи ги инфраструктурата и обновливите енергии. Во врска со хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“, Шауерте рече дека не се сомнева оти изборот на најдобриот понудувач ќе се одвива на фер начин, а со евентуалниот избор на заинтересираната германска компанија РВЕ, Македонија ќе добие соодветен партнер за соработка.
Европската банка најави 250 милиони евра за Западен Балкан
Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) најави кредитна линија од 250 милиони евра за поддршка на развојот на микро, мали и на средни претпријатија на Западен Балкан. Одборот на директори на ЕБРД на состанок на 12 мај ќе го разгледува одобрувањето на оваа кредитна линија за финансиски институции во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Хрватска, Албанија и во Косово. Цел на проектот е да се зајакне кредитирање на малите и на средните претпријатија и да се овозможи развој на хипотекарните кредити, лизинг, услуги на факторинг, односно откупување краткорочни долгови, како и развој на услугите на осигурување
Седум милиони евра холандски грант за јавниот сектор
Макроекономската стабилност на Македонија ќе се поддржува со грант од седум милиони евра, обезбедени од холандската влада за поддршка на проект, финансиран од Светска банка. По тој повод, на 21 април министерот за финансии Трајко Славески и претставникот на Светска банка Маркус Репник го потпишаа Договорот за грант во присуство на холандската амбасадорка Симон Филипини.
Според Филипини, Холандија го поддржува развојот на многу земји во светот, но само во мал број од нив поддржува и макроекономски проекти.
Таа им порача на Светска банка и на министерот Славевски умно да ги потрошат доделените средства. Министерот Славески информираше дека средствата веќе биле проектирани во тековниот буџет на приходната страна. „Овие проекти се насочени кон подобрување на инвестициската клима и зајакнување на управувањето и ефикасноста на јавниот сектор“, рече Славески.
Претставникот на Светска банка во Македонија, Маркус Репник, истакна дека придонесот од овој договор е значителен и тој ги поддржува клучните елементи на една реформска агенда. „Светска банка, заедно со холандската влада и другите меѓународни партнери, е подготвена целосно да ја поддржи Македонија во нејзините евроатлантски интеграции“, рече Репник.
|