NEWSLETTER, ФЕВРУАРИ 2008
Стартуваше изградбата на “Ера сити” во Скопје
Со поставувањето камен-темелник за изградба на деловна зграда, на 1 февруари, претседателот на управата на словенечката групација „Ера” Гвидо Омладич го означи почетокот на проектот „Ера сити” - Скопје на Скопски саем, вреден 150 милиони евра, кој треба да се реализира во наредните пет години. Поставувањето на темелите, всушност, го означи првиот чекор од проектот „Град во град”, односно изградба на деловна зграда која ќе биде прв објект во рамките на повеќенаменскиот комплекс, кој на посетителите ќе им овозможува широка палета дејности и намени на едно место. Деловната зграда, која ќе биде со површина од 33.600 квадратни метри, ќе има десет ката и три подземни гаражи. По неа ќе следува изградбата на трговскиот центар за храна и други намени од 85 илјади квадратни метри, трговски центар од 22 илјади квадратни метри за други намени, како и 5.000 паркинг-места. Во комплексот на посетителите ќе им се нуди широка палета дејности како што се мултикино, ресторани, велнес-центар, ќе се продава мебел, алати, апарати за домаќинство и сето тоа лоцирано во мегамаркет. Трговскиот центар со мегамаркетот ќе биде во централниот дел на „Ера сити” - Скопје.

“Ера сити”, секако, е приоритетен проект на групацијата „Ера”, која работи повеќе од 50 години, за која проценетата висина на сите инвестициони вложувања за следните пет години изнесува приближно 150 милиони евра, што ќе ги реализира преку партнерства, а истовремено ќе отвори можност за околу 800 нови работни места”, истакна Омладич, кој се надева дека почетокот на градбата ќе отвори нови деловни можности и истовремено ќе ги поврзува стопанските интереси на Македонија, Словенија и Европската унија. За премиерот Никола Груевски, кој беше присутен на свечениот чин заедно со министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и неговиот словенечки колега Димитриј Рупел, проектот „Ера сити” е со повеќенаменско значење не само за Скопје, туку и, воопшто, за државава. „Тоа е една од најголемите странски инвестиции од осамостојувањето на Македонија. Мултинаменскиот комплекс ќе привлече и повеќе препознатливи брендови што ќе придонесе за имиџот на нашиот главен град и на државата во целина”, истакна Груевски, кој посочи оти новиот словенечки проект е уште еден доказ, пред се', за пријателските односи меѓу Македонија и Словенија. Министерот за надворешни работи на Словенија Димитриј Рупел истакна дека Словенија вложила досега во Македонија 120 милиони евра и оти словенечките инвестиции секојдневно се зголемуваат. Тој нагласи дека со словенечки инвестиции во Македонија досега се отворени околу 2.500 работни места и вети отворање на уште 1.000 нови работни места за годинава. Според него, во Словенија во минатата година се бележи зголемен увоз на стоки од Македонија за 32 отсто. Словенија, како што рече, е голем поддржувач на Македонија, земја со која има заедничка историја и заедничка европска иднина. Проценето е дека „Ера сити” ќе стане најголем и најсовремен деловен, трговски и забавен центар во регионот.
Промовирана книгата „Како до сопствен бизнис”
На сите што сакаат да почнат добар бизнис може да им помогне книгата „Како до сопствен бизнис”, која беше промовирана на 1 февруари. Книгата е во издание на Центарот за развој на нови бизниси при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Во нејзиното создавање учествувале 12 професори, како и правни и економски експерти. Содржи 11 поглавја и го нагласува претприемачкиот дух на бизнисот. На промоцијата што се одржа во Ректоратот присуствуваа вицепремиерот Зоран Ставрески, евроамбасадорот Ерван Фуере, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Ѓорѓи Мартиновски, академик Таки Фити, како и 12-те автори на книгата.
Вицепремиерот Зоран Ставрески упати благодарност до претставниците на Центарот за развој на нови бизниси кои во изминатите месеци, како што рече, интензивно работеа на поттикнување на претприемачкиот дух меѓу младите луѓе.
Потпретседателот Верхојген ја промовираше Претприемничката европска мрежа, европска бизнис поддршка на вашиот праг
Потпретседателот на Европската Комисија Гунтер Верхојген на 7-ми февруари во Брисел ја промовираше Претприемничката европска мрежа, нова и моќна Европска мрежа за поддршка на претпријатијата. Сите големи играчи во Европската бизнис заедница се соединија со цел на малите и средни претпријатија да им понудат ефикасна успуга за развивање на нивниот целосен потенцијал и иновативен капацитет. Претприемничката европска мрежа вклучува повеќе од 500 канцеларии за претприемачите во Европа. Тие обезбедуваат услуги за целосна поддршка во блиска соработка со малите и средни претпријатија покривајќи ја целата територија на ЕУ, но и пошироко. Меѓу учесниците на настанот беа присутни и Јанез Поточник, комесар за наука и истражување, словенечкиот министер за економија Андреј Визјак, претседателот на Комитетот на регионите Лук Ван ден Бранд и претседателот на Групата на работодавци на ЕЕСК Хенри Малоз, претседатели на бизнис организации и претставници на МСП. Потпретседателот на ЕК Гунтер Верхојген, одговорен за претпријатија и индустриска политика, изјави: “Новата Претприемничка европска мрежа е камен–темелник во интегрираната политика на Комисијата за промовирање на претприемништвото и развојот на европските претпријатија. Ги повикувам сите претприемачи во ЕУ и пошироко да ја искористат максимално во согласност со нивните потреби.” Претседателот на Комитетот на регионите Лук Ван ден Бранд изјави: “Комитетот на регионите целосно ја поддржува оваа иницијатива, бидејќи таа е пример за европско партнерско работење. Регионите и градовите се европските поттикнувачи на развој. За тие да бидат ефикасни, потребни се нови работни места и вистинско ангажирање во поглед на МСП. “ Претседателот на Европскиот економски и социјален комитет, Димитрис Димитриадис, изјави: “Претприемништвото е клуч за соочување на Европа со предизвиците на глобализацијата, креирањето на нови работни места и иновацијата. Затоа промовирањето на Претприемничката европска мрежа е значаен чекор во вистинската насока. “
Претприемничката европска мрежа ги комбинира предностите на претходниот Евро-инфо центар со мрежите на Иновативниот центар. Со новата мрежа, бизнисот добива “Бизнис поддршка на Вашиот праг”, како што укажува слоганот. Принципот “Погрешна врата - не” ќе се применува за целокупната мрежа и за секој партнер поединечно. Сите МСП ќе добијат информации и персонализирани услуги во согласност со нивните потреби од сите организации во мрежата, притоа искористувајќи ја придобивката од модерните технологии.
Поконкретно, Претприемничката европска мрежа ги нуди следниве услуги:
1. Поддршка на компаниите при нивно интернационализирање · Околу 1 милион европски МСП можат да бидат инволвирани во меѓуразвојни размени помеѓу претпријатијата, да поттикнуваат нови идеи, да негуваат можни партнерства и да ги стимулираат фирмите да се развиваат надвор од рамките на нивните почетни хоризонти. Состаноците “еден на еден” ќе бидат организирани со цел да се помогне при идентификацијата на доверливи партнери. · Склучување на технолошки партнерства помеѓу МСП засновани на иновативен трансфер е друг начин на интернационализирање и поттикнување на инвестициите во истражувањето. Мрежата им помага на МСП при идентификацијата на партнерите и склучувањето на договорите.
2. Иновација, нови производи и искористување на можностите на заедничкиот пазар · Помагање на малите бизниси во поглед на техничките прашања како што се правата на интелектуална сопственост, стандардите и ЕУ – законодавството, бидејќи за компаниите може да претставува тешкотија да бидат во тек со промените во можностите поврзани со ЕУ. · Промовирање на иновативност: Претприемничката европска мрежа ги охрабрува МСП да бидат поиновативни, бидејќи делењето на резултатите од истражувањата може да поттикне нови идеи / можности. Овозможувањето пристап кон иновативната технологија ќе им помогне на МСП да се соочат со глобалната конкуренција.
3. Пристап кон ЕУ – проекти и финансирање · Претприемничката европска мрежа има за цел да го надмине јазот на знаење во однос на различните извори на ЕУ – финансирањето и да се осигура дека компаниите се свесни за достапните можности. МСП ќе бидат особено охрабрени да земат учество во програмите за истражување.
4. Обезбедување на фитбек кон Комисијата · Претприемничката европска мрежа ќе дејствува како двонасочна улица помеѓу претприемачите и Комисијата, овозможувајќи поглед и во двете насоки за да се осигура дека политиката и иницијативите кои ги изготвува Комисијата ќе бидат од помош за МСП и нема да претставуваат дополнително административно оптоварување.
Новата Претприемничка европска мрежа е дел од интегрираната политика на ЕК за промовирање на претприемништвото и развојот на европските претпријатија. Таа ќе ги поддржува МСП од сите сектори со цел да имаат поголема придобивка од можностите кои ги нуди заедничкиот пазар.
Приклучување на Турција кон ЕУ програмата за конкурентност Турција е третата земја - кандидат, по Хрватска и Р. Македонија, која и се приклучи на Програмата за конкурентност и иновација во чии рамки Европската Комисија промовира иновација, претприемништво и развој на малите и средни претпријатија. Хрватска и Р. Македонија и се приклучија на програмата на 18 октомври 2007.
“Ја поздравувам одлуката на Турција да и се приклучи на програмата. Бизнис сферата, а особено МСП ќе имаат голема придобивка од нејзиното учество. Во овој контекст, приклучувањето на Турција кон Претприемничката европска мрежа ми причинува големо задоволство. Тоа претставува огромна можност за соработка помеѓу европските и турските претпријатија. Се надевам дека оваа одлука ќе има и политички ефект врз заемното приближување на ЕУ и Турција” – изјави потпретседателот на ЕК Верхојген.
На 12-ти февруари, потпретседателот на ЕК Верхојген и г-ин Волкан Боскир, амбасадор на Постојаната мисија на Турција во ЕУ, потпишаа Меморандум на согласност формализирајќи го пристапувањето на Републиката кон Програмата за конкурентност и иновација.
Можноста за учество во заедничките проекти и во Претприемничката европска мрежа заедно со 27 земји – членки на ЕУ е од огромно значење за Турција. Тоа ќе и овозможи на земјата да има голема придобивка од најдобрите претприемнички дејности, политиките на МСП, конкурентноста и иновацијата во ЕУ.
Конвергенција на иновативната изведба во ЕУ
Европскиот извештај за иновации за 2007 издаден на 14-ти февруари покажува постојан процес на конвергенција во ЕУ. Пет земји-членки – Данска, Финска, Германија. Шведска и Обединетото Кралство – го задржуваат трендот на висококвалитетна изведба како светски иновативни лидери покрај САД и Јапонија.
Постојаното подобрување на иновативната изведба ширум ЕУ е во голема мера охрабрувачко и докажува дека Лисабонскиот процес и распространетата иновативна стратегија успешно функционираат. Но ЕУ се уште значително заостанува зад САД и недоволното јавно истражување и развој покажуваат дека се потребни засилени напори со цел да го доведеме нивото на иновација во Европа на ниво на светските стандарди.
Во меѓувреме, поголемиот дел од останатите земји-членки им се приближуваат на лидерите, а три од поновите земји-членки – Естонија, Чешка и Литванија – се на пат да го достигнат нивото на просечна иновативна изведба за една деценија. Споредбата со САД покажува дека се уште постои значително водство во однос на ЕУ.
Промовирање на внатрешниот пазар на добра – ЕП го поддржува предложениот пристап
На 21 февруари Европскиот парламент усвои голем пакет мерки за олеснување на функционирањето на внатрешниот пазар на добра. Европската Комисија го поздрави усвојувањето на предлогот. Овој пакет мерки особено ќе ја олесни продажбата на производите на МСП во ЕУ и воедно ќе ја зголеми заштитата на потрошувачите. Постоечките системи за пазарна контрола на индустриските производи ќе бидат зајакнати и за прв пат изедначени со увозните контоли. Исто така беше воведена и акредитација на производите. Ова е формален систем кој на лабораториите за тестирање на сертификатите може да им послужи при остварување на висококвалитетни услуги кои им се потребни на производителите. Воведувањето на овие мерки придонесува за зацвстување на улогата и веродостојноста на CE ознаката. Предложени се и подобрувања за трговијата со добра кои не се покриени со законодавството на ЕУ. Од сега, секоја земја- членка која има намера да го спречи влезот на нејзиниот пазар на производи кои легално се пласираат во другите земји- членки ќе мора да наведе детални објективни причини за можното одбивање. Ова создава нови придобивки за претприемачите како и за потрошувачите проширувајќи го нивниот избор. Се очекува дека Советот на ЕУ наскоро ќе го одобри пакетот мерки за да може да стапи на сила идната година.
Потпретседателот на Комисијата Гунтер Верхојген, одговорен за претприемништво и индустрија, како и за внатрешниот пазар на добра, изјави: “Срдечно ја поздравувам поддршката на Европскиот Парламент за промовирање на внатрешниот пазар на тој начин што создава win-win ситуација за претпријатијата и за потрошувачите. Заштитата на производите ќе биде значително зајакната, а воедно очекувам потрошувачите да имаат придобивка заради поголемиот избор. Се работи за пазарен волумен од околу 1.500 билиони. “
Пакетот мерки ги зајакнува и модернизира условите за пласирање на широк спектар на индустриски производи на заедничкиот пазар, како што се:
- Воведува подобри правила за пазарна контрола со цел да се заштитат потрошувачите и професионалците од небезбедни производи, вклучувајќи и извоз од трети земји. Ова најмногу се однесува на процедурите за производите кои се штетни по здравјето или животната средина и кои се повлечени од пазарот;
- Ја зголемува веродостојноста и го разјаснува значењето на CE ознаката. Освен тоа, CE ознаката ќе биде заштитена како заедничка колективна ознака, која ќе им овозможи дополнителни средства на властите да преземаат законски постапки против производителите кои ја злоупотребуваат истата;
- Етаблира усогласена законска рамка за индустриски производи со цел мерките да се користат во идното законодавство. Ова определува мерки за едноставно усогласено дефинирање (на термините кои понекогаш се користат различно) и на процедурите што ќе овозможи идното законодавство во овој сектор да биде подоследно и полесно за примена. Пакетот мерки воедно го зајакнува внатрешниот пазар на широк спектар на други производи, кои не се опфатени со ЕУ- хармонизацијата, како што се разновидни прехрамбени производи (на пример леб и тестенини), мебел, велосипеди, скапоцени метали итн. Заедно тие покриваат повеќе од 15 % од внатрешната трговија на добра во рамките на ЕУ. Овие производи најчесто треба да задоволат бројни регулативи. До сега, разликите помеѓу овие регулативи во многу земји- членки ги обесхрабруваа компаниите, особено малите и средни претпријатија, да инвестираат капитал надвор од нивните домашни пазари, бидејќи мораа да докажуваат дека нивните производи кои законски се продаваат во една земја- членка се во согласност со техничките регулативи на друга земја- членка. Други компании беа обврзани да ги прилагодуваат своите производи на односните регулативи што чинеше многу и најчесто беше непотребно, така што нивните производи стануваа поскапи за потрошувачите.
Со усвоениот пакет ќе се елиминираат многу од овие технички пречки со што ќе се олесни продажбата на добра во другите земји- членки. Националните технички регулативи повеќе нема да можат да спречат продажба на одреден производ во односната земја- членка, ако истиот веќе се продава законски во друга земја- членка. Кога една земја- членка има намера да одбие влез на пазарот, ќе мора да наведе прецизни и детални објективни причини за таквата постапка и ќе мора да и овозможи на увозната компанија да реагира навремено, односно пред донесувањето на конечната одлука.
Друга новост ќе бидат информативните центри за производите кои ќе бидат основани во сите земји- членки. Тие ќе обезбедат информации за техничките регулативи, така што претпријатијата, особено МСП, ќе можат да добијат сигурни и прецизни информации за законот кој е на сила во земјата- членка на чиј пазар тие имаат намера да ги пласираат своите производи.
Почнува проектот за самовработување преку кредитирање
Од понеделник ќе стартува Проектот за самовработување со кредитирање невработени лица со кој ќе може да се добијат до 3.000 евра во опрема, средства, репроматеријали и/или пари за секое новоотворено работно место, до 15 илјади евра за проекти со најмногу пет работни места и дополнителни 1.000 евра за невработени (повеќе од три години), по основа на технолошки вишок, стечај или ликвидација.
Кредитирањето ќе се врши преку деловни банки со годишна камата од 1 отсто, грејс-период од една година, а рокот на враќање е три години. Сопственото учество е од најмалку 25 отсто.
Барање за кредит може да поднесе секое невработено лице кое најмалку една година е на евиденцијата на невработени во Агенцијата за вработување, односно најмалку шест месеци, доколку е до 27-годишна возраст, корисник е на паричен надомест или е на возраст над 55 години.
|