NEWSLETTER, МАРТ 2008
Конференција за корпоративно управување
Придобивките од ефикасното корпоративно управување, меѓу кои полесен пристап до финансии, поголем углед во јавноста и поголема атрактивност за странски и институционални инвеститори, беа презентирани од домашни и од странски експерти, во рамките на деловната конференција во организација на Capital Media Group и Меѓународната финансиска корпорација (IFC) која се одржа во хотелот "Александар палас". На деловната конференција присуствуваа околу 150 гости од бројни компании, финансиски институции, банки, регулаторни тела и експерти кои ја објаснија потребата и предноста на корпоративното управување во современиот свет.
Трендовите, транспарентноста и важноста на корпоративното управување беше главна тема на конференцијата. Оваа активност е дел од програмата за корпоративно управување на IFC, преку која се обезбедува техничка помош на компаниите и банките во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија.
Дека македонските компании се свесни за значењето на оваа тема покажува и истражувањето на IFC, спроведено во 2006 година во 90 акционерски друштва. Речиси половина од нив (46, 8%) изјавиле дека планираат да ги воведат меѓународните стандарди за финансиско известување со цел да го подобрат своето корпоративно управување.
Шпански бизнисмени ги разгледуваат можностите за инвестирање во Македонија

Група десетина шпански стопанственици од Сарагоса неколку дена престојуваа во Македонија со цел да ги испитаат можностите за соработка и евентуална можна инвестиција во земјава. Шпанските фирми се заинтересирани за инвестирање во Македонија, посебно во секторите на прехранбената, тутунската, месната, металната, автомобилската и керамичката индустрија. Шпанските бизнисмени ја оценуваат бизнис- климата во нашата земја како поволна, посебно поради перспективата за влез на Македонија во НАТО, но многу повеќе во ЕУ, бидејќи тоа ќе гарантира економска стабилност на фирмите кои ќе се решат да влезат на нашиот пазар. Во стопанската делегација која е во посета на земјава има претставници на транспортни, градежни фирми, како и фирми што се занимаваат со производство на електрична енергија.
Посетата на Шпанците е почеток на обидот за воспоставување деловна соработка меѓу македонските и шпанските бизнисмени, која би требало свој поконкретен облик да добие на саемот ЕКСПО, што ќе се одржи во Сарагоса годинава, а на која учество пријавиле и македонски фирми. Македонија е учесник на саемот заедно со други 112 земји- учеснички кои оваа манифестација ќе можат да ја искористат за воспоставување деловна соработка.
Заради интензивирање на контактите со македонските стопанственици, Шпанија отвори и своја амбасада во земјава. Пред две години шпанска делегација ја посети земјава и најави дека отварањето амбасада во Македонија е дел од нивната политика за земјите кои се кандидати за влез во ЕУ. Во таа прилика беше кажано дека е хендикеп тоа што дотогашните контакти беа преку шпанската амбасада во Софија, поради што Шпанија немаше соодветни сознанија за потенцијалите на земјата. Со отворање на амбасадата, се очекува заживување на деловните контакти меѓу двете земји.
Бизнисмените од Македонија и од Шпанија очекуваат интензивирање на трговската соработка, за што треба да придонесе вчера потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Трговската комора при ССК на Македонија и Стопанската комора на Сарагоса. „Во фокусот на интензивирање на трговската размена меѓу двете земји се инвестиции во енергетиката, градежништвото и кинематографијата", изјави шпанскиот амбасадор во Македонија, Хозе Мануел Пас Агуерас. Според него, се очекува зголемување на трговската размена и зголемување на инвестициите со посредство на шпанската амбасада која е отворена во Скопје. „Трговската размена со Кралството Шпанија лани изнесуваше 250 милиони долари, а во иднина очекуваме нејзино двојно зголемување", истакна претседателката на Трговската комора при ССК, Славка Каленикова.
„Фолксваген“ заинтересиран за услуги на македонски доставувачи
Германскиот автомобилски гигант "Фолксваген" пројавил интерес да користи одредени услуги на неколку македонските автомобилски доставувачи. Ова беше најавено на првата Македонска конференција за автомобилски доставувачи на која присуствуваа претставници од групацијата "Фолксваген", реализирана од министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, во партнерство со проектот за конкурентност на УСАИД.
На конференцијата, прва од ваков тип во регионот, претставниците на "Фолксваген" ги презентираа своите интереси и потреби за соработка и набавка на делови за секое ново возило. Потоа, одржаа директни средби со македонските фирми: "Весна САП", "ИЗО стакло", "Амак", "СИПО", "Велмакс", "Руен", "Те-Те пласт", "Ниче Аурора", "Прутекс", МЗТ "Леарница" и ТЦГ "Леарница".
„Џонсон Мети“ во април ќе ги удри темелите на новата фабрика
По „Џонсон контролс“, стартува втората гринфилд-инвестиција во слободната економска зона „Бунарџик“. Британската компанија „Џонсон Мети“ во средината на април ќе почне со својата инвестиција во Македонија. Во „Бунарџик“ ќе бидат удрени темелите на новата фабрика за производство на автомобилски делови, а почетокот на производството е планирано за мај следната година. Првата фаза на инвестицијата тежи 50 милиони евра, а втората фаза се очекува да започне по три години. Се најавуваат 700 нови работни места. Тоа е најголемата странска инвестиција во земјава моментно.
„Станува збор за најголемата инвестиција што ја има ’Џонсон Мети‘ во Европа во последните 30 години. Слободната економска зона нуди одлични перформанси за фабрики за производство на делови за автомобилската индустрија. Оценивме дека Македонија има добри потенцијали за инвестирање, а и пренесеното искуство од ’Џонсон контролс‘ беше позитивно“, изјави вчера во Стопанската комора на Македонија Колин Џефри, регионалниот директор на „Џонсон Мети“ за Македонија. Тој пренесе дека има сознанија за влез во Македонија на уште две светски мултинационални компании од автомобилската индустрија. Во прилог на тоа, според Џефри, е образовниот механички кадар во земјава, така што Македонија би можела наскоро да стане водечка во Европа според развојот на индустријата за автомобилски делови.
Според Џефри, политичката ситуација во државата, како и растечката инфлација, не претставуваат пречка за планираниот претстоен бизнис. Тој потсети дека „Џонсон Мети“ е компанија која постои 200 години, има годишен профит од 12 милијарди долари и ангажира 10.000 работници во 50 земји во светот каде што има различни политички системи, со многу посериозни проблеми отколку во Македонија, но тоа, сепак, не претставува никаква пречка за бизнисот. „Спорот меѓу Македонија и Грција околу името, според мене, е семејна расправија. Ја гледам Македонија по пет години како членка на НАТО и на ЕУ“, рече Џефри, додавајќи дека ништо од сегашните случувања не им било непознато кога решиле да инвестираат.
Бидејќи оваа инвестиција е нов предизвик, искуство и авантура за „Џонсон Мети“, но и за Владата и за другите институции, Џефри очекува добра натамошна соработка и помош.
„Џонсон Мети“ на 18 март стана официјална членка на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, а Џефри ја потпиша пристапницата што му ја врачи претседателот на Советот Георг Валднер, првиот човек на ЕВН ЕСМ.
Ова е втора инвестиција во слободната зона „Бунарџик“. Американската компанија „Џонсон контролс“ неодамна стартуваше со пробно производство во својата фабрика.
Македонија промовирана како ново економско чудо во Eвропа
Македонија како многу погодна за странските инвестиции, било главното мото на бизнис форумот “Македонија - ново економско чудо во Европа”, одржан кон средината на месецов во Вашингтон. На форумот, во луксузниот хотел Риц Карлтон имало околу стотина присутни, од кои околу 80 % од бизнис секторот, но имало и претставници на американскиот Стејт Департмент, УСАИД и медиумите. Од учесниците две третини биле американци и една третина од нашата дијаспора. УЧесниците од македонската страна воспоставиле повеќе контакти со американските компании и инвестициските фондови.
“Формуот имаше двојна цел - претставување на инвестиционите можности во Македонија и создавање на еден друг имиџ за земјата – држава во која има економски напредок и која се бори за инвестиции. Досега во Вашингтон се говореше за стабилност, безбедносна состојба, мултиетнички односи, за спорот околу името со Грција итн. Затоа форумот имаше за цел да создаде една друга слика за Македонија, непосредно пред Самитот на НАТО во Букурешт”, изјави македонскиот амбасадор во САД, Зоран Јолевски.
Претседателот и главен извршен директор на канадскиот телекомуникациски гигант Нортел, Мајк Зафировски ги поздравил достигнувањата на македонската Влада во подобрувањето на бизнис климата во Македонија и во зголемувањето на можностите за инвестирање. Тој како значајни ги истакнал спроведувањето на регулаторната гилотина и воведените поволности за странските инвеститори.
На форумот се обратил и потпретседателот на македонската влада, Зоран Ставрески, кој ја нагласил конструктивната улога на Македонија на Балканот и нејзиното постојано градење во согласност со евроатлантските стандарди.
Вицепремиерот се осврнал на економската политика и реформите на Владата во клучните сфери за подобрување на бизнис климата кои резултираа со порастот на БДП и извозот и значителното зголемување на странските директни инвестиции. Како значајни економски реформи во текот на 2007 година тој ги потенцирал намалувањето и воведувањето на рамни даноци, даночните и царински олеснувања за инвеститорите во слободните економски зони, функционирањето на едношалтерскиот систем, либерализацијата на финансискиот и телекомуникацискиот сектор, засилувањето на конкурентноста на македонските компании и инвестирањето во развојот на инфраструктурата.
На форумот присуствувале повеќе претставници на моќни американски компании, меѓу кои и членки на Fortune 500 листата, како и на меѓународни финансиски институции и влијателни невладини организации, медиуми и политички и лоби кругови во САД.
Амбасадорот Јолевски најавува дека нашата амбасада во Вашингтон во соработка со Агенцијата за странски инвестиции до октомври планира да организира уште три форуми на различни локации во САД. Најверојатно едниот ќе биде во Колумбус, Охајо, вториот или во Детроит или во Чикаго, а третиот некаде на западниот брег на САД.
Автомобилска компанија од САД најави влез на македонскиот пазар
Потпишување на меморандум за соработка со автомобилска компанија од САД се очекува до крајот на овој месец, по што ќе следи конечната одлука дали таа ќе инвестира во Македонија. Ова е резултат на бизнис форумот “Македонија - ново економско чудо во Европа”, што се одржа во Вашингтон. Првиот човек на телекомуникацискиот гигант Нортел, Мајк Зафировски најави дека неговата компанија во наредните неколку недели ќе отвори канцеларија за за продажба во Македонија, а во следните две години ќе го прошири своето присуство.
Македонските министри предводени од вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески на форумот во Вашингтон ја презентираа политиката за привлекување на странски инвестиции, како и програмите за развој на информатичката технологија.
ЕУ Финансиски ден за МСП – серија од еднодневни настани во 2008/2009

ЕУ Финансиски ден за МСП е серија од еднодневни настани во земјите- членки кои Европската Комисија ги организира со цел да ја информира јавноста за финансиските инструменти на ЕУ за МСП во соработка со националните финансиски посредувачи кои ги имплементираат овие инструменти локално. Целта е да се подигне свеста за различните финансиски извори и да се обезбеди форум за размена на добри практики при обидот да им се помогне на иновативните МСП при обезбедувањето на полесен пристап до финансии.
За овие настани, Европската комисија ќе покани говорници од:
- Европскиот Инвестициски Фонд (EIF)
- Претприемничката Европска Мрежа
- национални и регионални финансиски посредници,
- организации кои застапуваат МСП и многу други. Еднодневни настани ќе бидат организирани во главните градови на сите земји – членки во текот на 2008 и 2009. Првиот настан ќе се одржи во Љубљана во петок, 28 март 2008 под покровителство на Словенечкото Претседателство.
Покани за настанот ќе бидат испратени до организации кои ги застапуваат малите и средни претпријатија (МСП), финансиски институции и советници, овластени лица во националните влади или регионалните власти, стопански комори, економски организации, претприемачи, организации и мрежи кои промовираат иновативност и други слични организации.
За време на нивната старт-ап фаза, МСП честопати се соочуваат со различни проблеми директно поврзани со недостатокот на ресурси – недостаток на човечки ресурси, искуство, експертиза во одредени полиња, контакти и секако финансиски капацитет. Еден од најважните приоритети е подобрување на пристапот кон соодветно финансирање. Комисијата разви многубројни активности чија цел е решавање на овие проблеми.
Целта на Претприемничката Европска Мрежа е да им се понуди помош на МСП при развивањето на нивниот иновативен потенцијал и подигањето на свеста за политиките и програмите на Комисијата. Оваа нова иницијатива на ЕК на претприемачите им нуди место каде што тие можат да побараат совет и да имаат придобивки од широкиот спектар на лесно пристапни услуги за бизнис поддршка.
|