Комисии на ЕБА
Годишна програма
Активни членови
Барање за членство
 
Европска Бизнис Асоцијација
Македонија © 2008

NEWSLETTER, MAJ 2008

Европски Ден на Претприемачот во Македонија

„Претприемачот - двигател на развојот“, беше мотото под кое се одржа годинашниов „Европски ден на претприемачот“ во Македонија. Настанот се одржа на 9 мај, денот на Европската Унија, како централен дел од Меѓународната конференција за претприемништво, иновации и регионален развој, која годинава траеше четири дена, од 8-ми до 11 мај и опфати три градови – Прилеп, Скопје и Охрид. 


Конференцијата опфати теми како што се владините и регионалните политики за стимулирање на претприемништвото; трансферот на знаења помеѓу универзитетите и индустријата; иновациите во малите и средни претпријатија, информатичката технологија и регионалната конкурентност; бизнис инкубатори; финансирање на бизнис идеи, иновации итн.



Организацијата на „Европскиот Ден на Претприемачот“ е иницирана од Eurocities, Европската мрежа на градови. Европската Комисија ја поддржа оваа идеја и го вклучи проектот во PAXIS пилот иницијативата за етаблирање на овој настан. По завршувањето на фазата за собирање на идеи од членките на Eurocities и искористување на предностите на оригиналниот настан El Dia del Emprendor, чиј домаќин беше Барселона, Шпанија, „Европскиот ден на претприемачот“ се шири низ Европа. Основната идеа на денот  е да се промовира претприемништвото не само локално, туку да се промовира и регионална и меѓународна соработка.


Главен организатор на овој настан беше Европската Бизнис Асоцијација. Во организацијата земаа учество и Министерството за економија на РМ, Градот Скопје, Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ, Македонската развојна фондација за претпријатија, Фондацијата Конрад Аденауер, СЕЦИ проектот, Бизнис старт-ап центарот на УКИМ и ПРЕДА. Делегацијата на Европската Комисија исто така даде голема поддршка за организацијата на третиот по ред „Европски ден на претприемачот“.

„Малите и средни претпријатија се важни учесници во економијата како целина и важни креатори на општествениот производ. Економската програма на Владата ги става малите и средни претпријатија на челно место во зголемувањето на вработеноста и економскиот развој. Растечкиот број на МСП го апсорбира најголемиот дел од работната сила, повеќе од 70 %, од вкупно вработените се ангажирани токму во овој сектор“, изјави министерката Вера Рафајловска, на отворањето на централниот настан во Скопје. Таа истакна дека Владата на Р. Македонија веќе има формирано институционална инфраструктура за поддршка на малите и средни претпријатија.

Воведување предмет бизнис и претприемништво во средни училишта и поттикнување на основање институции и изнаоѓање алтернативни начини на финансирање како факторинг и франшиза, се дел од мерките кои ќе ги преземе Владата на Р. Македонија во иднина.

„Сите благодети кои ги уживаат европските фирми и граѓани еден ден ќе станат реалност и за македонскиот народ и бизнис заедницата“, истакна Ерван Фуере, евроамбасадорот во Македонија. Тој го поздрави напредокот во македонската влада во спроведувањето на мерките од проектот на регулаторната гилотина. За постигнување попријателска бизнис клима како за странски така и за домашни инвестиции, амбасадорот наведе дека треба да се продолжи со борбата против корупцијата, со тоа што антикорупциската комисија треба да биде поагресивна во своите напори, но исто така политиката да не се меша во бизнисот. Патувајќи низ земјата, г. Фуере вели дека сретнал претприемачи со голем ентузијазам кои за жал се соочени со висок степен на бирократија. Воедно, амбасадорот ја искористи оваа прилика да им предложи на македонските банки да бидат поотворени кон МСП како и да воведат поповолни услови при нивното финансирање. Сето ова ќе придонесе земјата да се искачи на следното ниво во процесот на пристапување кон ЕУ, т.е. добивање на датум за преговори. Тој се надева дека новата влада и новите владини институции ќе ја насочат сета своја енергија кон постигнување на истото. 

Клаус Милер, еден од извршните директори во Македонски Телеком, исто така имаше обраќање пред присутните, истакнувајќи дека еден од главните предуслови за влез во ЕУ е економскиот раст, а претприемништвото е клуч на економскиот просперитет. Тој ги повика сите граѓани да станат владетели на својата сопствена иднина, преку преземање на разни претприемнички зафати. Воедно тој тврди дека во Македонија има образовани и способни луѓе кои можат да креираат подобра иднина за себе.

„Ние имаме претприемачи достојни за ЕУ“, тврди професорот Радмил Поленаковиќ, раководител на Бизнис старт-ап центарот при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, еден од организаторите на конференцијата. Претставник од Сити Колеџ од Солун, пак зборуваше за важноста на образованието во процесот на иновативноста. На конференцијата се обрати и амбасадорот на Обединетото Кралство Ендру Ки како претставник на Лондон кој е прогласуван за најдобра бизнис дестинација 17 години по ред.

Во рамките на „Европскиот ден на претприемачот“, организаторот подготви и десетина панели и работилници на теми поврзани со претприемништвото и финансирањето на бизнис идеите. 

„Бизнис инкубаторите во Велика Британија пред 10 години почнаа да функционираат со поддршка на Владата, а од пред 4-5 години се финансирани од Светската банка и Европската Комисија“, истакна Питер Херман, од Националната мрежа на бизнис инкубатори во Велика Британија. 



На една од работилниците што беше организирана во рамките на  „Европскиот ден на претприемачот“, посветена на финансирањето на старт-ап центри и бизнис инкубатори, Херман потенцираше дека Мрежата на бизнис инкубаторите во Велика Британија не ги поддржува само новите бизниси. Нивната десетгодишна работа покажала дека постојат потреба и услови за финансирање и на веќе постоечки бизниси, во смисла на нивно проширување, како и бизниси кои ги водат луѓе кои се во пензија. Херман вели дека неговото долгогодишно искуство покажало дека основното кое треба да се развива и поттикнува кај компаниите кои се финансираат од бизнис инкубаторите е соработката. „Лидерот создава околина во која другите успеваат“ е мотото со кое се раководи Херман, како раководител на бизнис инкубатор во Британија. Според него, бизнис инкубаторите особено се грижат за социо- економскиот ефект на општеството. 

Интересен панел беше и „Алтернативни инструменти за финансирање на малите и средни претпријатија“. 

„На секој долар инвестиран во МСП, општата економска добивка изнесува десет долари“ – објасни Кристијан Кирилков, меѓународен консултант, претставувајќи ги на панелот, предностите од работењето со МСП за банките.

Ана Николова, оперативен менаџер на ЕОС Матрикс, ги презентираше предностите на факторингот како алтернативен инструмент на финансирање (не подложи на оданочување, обезбедува континуирана ликвидност на клиентите). 

Веланд Рамадани, асистент на Штуловиот универзитет, ги презентираше можностите за ризичен капитал. „Ризичниот капитал во Македонија, за жал, постои само во учебниците по претприемништво“, истакнува тој. Рамадани вели дека потребно е да се подигне свеста за овој вид финансирање (бизнис ангели и формален ризичен капитал), да се развие берзата и да се поврзе со регионалните берзи, да се охрабрат богатите луѓе да финансираат добри бизнис планови, како и да се афирмира ризичниот капитал во другите финансиски организации. Драган Мартиновски ги претстави можностите кои ги нуди Македонската банка за поддршка на развојот.

Во панелот „Успешни бизнис приказни“ зборуваа неколку успешни претприемачи: Илија Вучков, АГВ Дизајн; Ташко Ризов, ИЦЛ Гроуп и Ѓорѓи Петрушев, ТИКВЕШ. Нивните обраќања беа многу интересни. Им докажаа на присутните дека вреди да се преземаат ризици, покажувајќи им дека една многу добра идеја не треба да остане во мислите или на хартија, туку и реално да се спроведе во пракса и дека пресметаниот ризик се исплати. Притоа нивната заедничка порака беше дека не треба да се застанува кај првата препрека, туку да се истрае, а по првиот поголем успех, постигнувањето на секој нареден е многу поедноставен.
 
Он-лајн магазин за претприемништво и индустрија
 
Enterprise and Industry DG на Европската Комисија го промовираше својот нов он-лајн магазин со цел презентирање на нејзината политика и активности. Главната цел на он-лајн магазинот е создавање на брз и едноставен начин за актуелизирање на новостите на Enterprise and Industry DG. Хајнц Зурек, Director-General на DG Enterprise and Industry, изјави: „Читателите ќе имаат постојан проток на свежи информации. И додека статиите на магазинот се засебни, секоја од нив обезбедува линкови кон подетални информации и тематска позадина, така што секој читател може да избере тема која би ја истражувал подетално.“ 

Новиот он-лајн магазин за претприемништво и индустрија ќе покрие тематика поврзана со МСП, иновација, претприемништво, единствен пазар за стоки, конкурентност и заштита на животната средина, подобра регулатива, индустриска политика во широк спектар на области и многу повеќе. Он-лајн верзијата ќе биде комплементирана со три печатени изданија на годишно ниво. Првото издание во печатена форма ќе излезе од печат пред летото 2008. 

Магазинот е финансиран во рамките на Competitiveness and Innovation Framework Programme, која што има за цел да ја охрабри конкурентноста на европските претпријатија. Различните по големина претпријатија во Европската Унија претставуваат основа за нашиот економски просперитет и квалитетот на живот на сите европски граѓани. Токму затоа за ЕУ е од витално значење претпријатијата да профитираат од поволната економска клима, така што тие ќе бидат во состојба да се развиваат и да создаваат нови и подобри работни места за нашите граѓани. Унијата исто така развива специфични, прилагодливи политики за да им овозможи на поединечните индустриски сектори да бидат силни конкуренти во глобалната економија и онаму каде што е потребно да ги прилагодат своите бизнис модели. Enterprise and Industry DG на Европската Комисија го презема водството во развивање и имплементирање на политиките во оваа област и е во тесна соработка со националните и регионалните власти, како и со самата индустрија.   

Европска повелба за мали претпријатија – олеснување на постоењето на МСП
 
На конференцијата ќе бидат презентирани мерките за најдобри политики со цел олеснување на постоењето на МСП: Вообичаено, конференцијата привлекува околу 300-350 учесници од политиката и бизнис-сферата од повеќе од 40 земји. Овогодинашните конференциски работилници меѓу другото разгледуваат „подобра регулација во полза на МСП“, „промовирање на интернационализацијата на МСП“ и „претприемничко образование“. Оваа година конференцијата ќе се одржи во Блед / Брдо, Словенија во времетраење од два дена – 3-ти и 4-ти јуни.  

Клучните говорители Андреј Визјак, словенечкиот министер за економија и Хајнц Зурек, Director-General на DG Enterprise and Industry на ЕК, ќе направат преглед на поддршката на која МСП можат да сметаат на ниво на ЕУ во иднина. 

The British Cleaning and Support services association демонстрира како еден цел сектор може да заштеди до 200 милиони евра благодарение на новиот модел на владата за проценка на ризикот на здравјето и безбедноста.

Шведската даночна служба ги презентира бенефитите на даночните претставници кои беа обучени да вршат електронско пријавување на даноци за МСП во оваа земја.


Шпанија ќе ја претстави својата PIPE програма која поддржа речиси 5000 МСП при инетрнационализирањето на нивните бизниси.

Велс ќе демонстрира на кој начин владата успева да понуди претприемачко образование на ученици и студенти на сите возрасти. Денес повеќе од 300 претприемачи служат како модел во училиштата со цел презентирање на фасцинираноста од нивната работа пред 50.000 ученици годишно во целиот свет.

Конференцијата покажува дека земјите од Повелбата интензивно учат едни од други во поглед на политиките за МСП.

На пример, францускиот “SME Pact” кој обврзува големи компании и јавни служби да купуваат од иновативни МСП, беше делумно инспириран од норвешката шема и од тогаш самиот проект беше инспирација за Италија и Холандија. 

Во други области, земјите- членки соработуваа уште од самиот почеток со цел да воведат заеднички мерки. Ова е случај за CETMOS патентниот систем за истражување: Австрија и осум други земји штотуку ги прилагодија системите кон заедничко пребарување на базите на податоци на нивните односни патентни канцеларии преку едно единствено истражување. 

Конференцијата им нуди можност на креаторите на политики и на организациите од целиот свет од понудените мерки да ги изберат оние од кои МСП во нивната земја најмногу ќе профитираат.

Светска банка одобри 125 милиони долари за Македонија

На 13-ти мај одборот на директори на Светска банка и' одобри на Македонија два заема за развојни проекти, во вкупна вредност до 125 милиони долари, беше соопштено во Вашингтон.

Првиот заем вреден 100 милиони долари, со рок на отплата од 20 години и грејс-период од пет години, наменет е за поддршка на проектот за изградба на регионални и локални патишта. Вториот заем е во вредност од 25 милиони долари со рок на отплата од 17 години и пет години грејс-период.

ИФЦ ќе поддржува инвестиции и во Македонија

Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), членка на Светска банка, преку вложување во акционерскиот капитал на австриската компанија „Соравија“, ќе поддржи повеќе инвестиции во секторот комерцијален неподвижен имот во Македонија, Бугарија, Романија и во Србија.

ИФЦ информира дека потпиша договор за соработка со "Соравија" за поддршка на развојот на деловниот простор на Балканот и создавање подобри услови за работа на компаниите во регионот. Ова е прва инвестиција на ИФЦ во компанија од областа на развојот на неподвижниот имот што работи на Балканот.

ХИПО влегува во бизнис со недвижности
 

Хипо Алпе Адриа Лизинг, друштвото за финансиски лизинг на Хипо во Македонија, основаше нова компанија во земјава. Станува збор за друштво за развој на недвижности, кое Хипо Алпе Адриа го основа заедно со словенечката Хипо Лизинг од Љубљана. 

Новата компанија Хипо МК Инвест е основана со капитал од 5 илјади евра, а како основна дејност наведено е подигнување на згради, односно високоградби. Со новиот бизнис на Хипо во Македонија ќе управуваат двајца Австријци, Оливер Зинтл и Марцел Франц Сумпер. 

Сараевска Еурохаус влегува во брокерскиот бизнис во Македонија
 
Брокерско-дилерската куќа Еурохаус од Сараево отвора брокерска куќа во Македонија. Со новата брокерска куќа ќе управува Сашо Дракуловски, кој работеше како брокер во неколку други македонски брокерски друштва. Претседател на Управниот одбор е Абдулменаф Беџити, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа. 

Еурохаус е една од првите брокерско- дилерски куќи во Федерацијата Босна и Херцеговина. Основана е во 2002 година и се наоѓа меѓу трите најуспешни брокерски куќи во Федерацијата, со над 47.000 клиенти.

Еурохаус Сараево е холдинг компанија која е вклучена во сопственоста и управувањето на неколку големи компании од секторите градежништво, металургија, информатичка технологија и инвестициски фондови во повеќе држави на Балканот. Цел им е да станат лидери во секторот на финансиските услуги, не само во БиХ и Македонија, туку и во целиот регион. 

Некои од позначајните зделки во кои Еурохаус учествувале се преземањето на АБС Банк за клиентот Steiermaerkische Bank Austria, потоа преземање на Тузланска банка за клиентот НЛБ Словенија и тендерот за Wienerberger AG Austria за ИГМ Високо.

Ребрендирање на Македонски Телеком
 
Македонски Телеком овој месец го завршува процесот на ребрендирање којшто значи влегување на светски познатиот бренд T- Home на македонскиот пазар. Ребрендирањето на Македонски Телеком е од големо значење за корисниците, вработените и воопшто за Република Македонија, изјави главниот финансиски директор на Македонски Телеком Славко Пројкоски. Тоа е многу повеќе од едноставна транзиција од едно име во друго, ставено на основа со различна боја и воведување на ново лого. Всушност, тоа е значителен чекор напред со кој што се најавува почетокот на едно исклучително патување – компанијата поминува низ процес на суштинска трансформација од поранешен монопол во почитуван и сигурен корпоративен граѓанин. Овие промени во компанијата ќе имаат многу подлабоко влијание врз стандардите за квалитет, кои што го дефинираат нашиот пристап кон корисниците, на тој начин овозможувајќи поголеми придобивки за граѓаните гарантирани со бренд којшто во целиот свет е препознатлив по својата сигурност, транспарентност и иновативност. Македонски Телеком и Дојче Телеком работат заедно на промените со цел поттикнување на т.н. метаморфоза на Македонски Телеком во компанија која што е ориентирана кон корисниците за да им се овозможи пристап до се поголемиот потенцијал на модерните телекомуникациски услуги. 

Приближувањето кон оваа цел подразбира голем број на иницијативи и нови производи и услуги за Република Македонија како современа држава која бележи постојан раст. Тоа исто така подразбира силна и неоспорна поддршка од Дојче Телеком за Република Македонија и за економскиот и комуникацискиот развој на овдешниот пазар. Во таа смисла, врз основа на заложбите направени од страна на двете водечки компании, Македонски Телеком сака да игра клучна улога во економскиот просперитет на Македонија. 

Интеграцијата на Македонски Телеком во бренд семејството на групацијата Дојче Телеком е клучен чекор во нашето постојано напредување кон успешна иднина. Ребрендирањето е многу повеќе од промена на боите – тоа подразбира надградување на мрежите, ново портфолио на производи, како и нови и модерни услуги во согласност со светските телекомуникациски стандарди. Набргу, корисниците ќе бидат во можност да ги почувствуваат вистинските придобивки од влегувањето на брендот во нивните домови. Инаку, процесот на ребрендирање на Македонски Телеком чини неколку милиони евра и е целосна инвестиција на Дојче Телеком. 

Со ребрендирањето, Македонски Телеком ќе започне со воведување на новини што ќе опфаќаат надградба на телекомуникациската инфраструктура во Република Македонија, воведување на атрактивни пакети на интегрирани производи на телекомуникации, интернет и интернет телевизија, поедноставни телефонски услуги со подостапни фиксни тарифи, понуди на атрактивна комуникациска опрема, како и најкомплетни и технолошки напредни пакети на решенија за комуникации и поврзување за потребите на нашите деловни корисници итн. 

Преминот од поранешен монопол во сигурна и почитувана лидерска компанија е уште една од промените низ кои минува компанијата. Веќе извесно време се работи во услови на конкуренција која од ден на ден зајакнува, што е корисно и за Македонски Телеком и за конкурентите. Но, истовремено конкуренцијата е добра и за граѓаните, кои на тој начин добиваат што е можно поквалитетни услуги. Со влегувањето на брендот T- Home и со сите квалитети што таа ги носи за корисниците и за самата компанија, Македонски Телеком уште повеќе ја зајакнува лидерската позиција што ја има на македонскиот телекомуникациски пазар. Досегашните искуства во рамките на Дојче Телеком групацијата покажуваат дека сите компании стануваат уште посилни со нивното ребрендирање. Така, во периодот што следува може да се очекува натамошно подобрување на пазарната позиција на Македонски Телеком на македонскиот пазар на долгорочен план.

„Џонсон Мети“ ќе почне да гради за две-три недели

Колин Џефри, директор за стратегиско планирање на „Џонсон Мети“, на 15 мај изјави дека за две недели очекува да го потпише договорот со Владата за земјиштето во „Бунарџик“, на кое наскоро треба да бидат изградени објектите за најголемата фабрика за катализатори. 

„’Џонсон Мети‘ не е политичка организација и она што ние го вреднуваме е стабилноста, транспарентноста и визијата, и на крајот, она што очекувам да го потпишам за две недели, е со важност за 100 години“, изјави Џефри по презентацијата одржана на 14 мај за динамиката на изградбата на фабриката за катализатори , нагласувајќи дека не очекува повторно да преговара за истиот проект. 

Џефри појасни дека преговорите со Владата за земјиштето во технолошко-индустриската развојна зона „Бунарџик“ се во завршна фаза, на кое за две до три недели треба да почне изградбата на објектите за производство на катализатори. Според него, објектите треба да бидат готови до октомври или ноември годинава, а производството на катализатори да почне во мај 2009 година.

„Иако условите се менуваат, нашите очекувања се дека договорот што треба да го потпишеме со Владата е долгорочна обврска за наредните години, барем од наша страна. ’Џонсон Мети‘ е неутрална спрема локалната и националната политика и во секоја земја ја цени стабилноста и континуитетот. Работиме со администрацијата околу документацијата, а доколку Владата се смени во јуни, ќе продолжиме да работиме со новата влада“, посочи Џефри. 

Од компанијата најавија дека почетната инвестиција во земјава изнесува 55 милиони евра и во почетокот ќе се отворат околу 250 вработувања, со најава дека бројот наскоро ќе се зголеми на 500. Деловите за автомобилската индустрија што ќе ги произведува фабриката во Скопје ќе бидат наменети исклучиво за европскиот пазар. Директорот Џефри рече дека фабриката што ќе биде изградена ќе биде најголемата фабрика на „Џонсон Мети“ за производство на катализатори. 

Премиерот Никола Груевски, кој заедно со вицепремиерот Зоран Ставрески присуствуваше на презентацијата, рече дека ова е најголемата инвестиција во скопската технолошко-индустриска развојна зона, која, покрај вработувањето, е значајна и поради тоа што ќе придонесе за зголемување на извозот, ќе воведе нови технологии, ќе ја подобри конкурентноста и ќе внесе светски стандарди и принципи на работење каде што се цени човечкиот капитал и знаењето. Тој најави дека во периодот што претстои ќе преземат повеќе од 50 конкретни мерки за понатамошно подобрување на бизнис-климата. 

Директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции, Виктор Мизо, најави дека ќе продолжат да работат на привлекувањето странски инвестиции во земјава. 

Британската компанија „Џонсон Мети“ годишно остварува 12 милијарди долари приход и има 10.000 вработени во 50 земји. 

По американската „Џонсон контролс“, која веќе стартуваше со работа во „Бунарџик“, „Џонсон Мети“ е втората што во оваа економска зона најави гринфилд-инвестиција. Бордот на „Џонсон Мети“ лани кон крајот на ноември донесе одлука за инвестиција во земјава, вредна 100 милиони фунти, или околу 150 милиони евра. Според тогашната изјава на Џефри, во првата фаза ќе се вложат 55 милиони евра. Тој најави дека постои интерес не само за гринфилд- инвестиции, туку и за преземање компании од хемискиот и од фармацевтскиот сектор во земјава.

Ингра најавува инвестиции во туризмот и градежништвото
 
Раководството на хрватската компанија ИНГРА која ја презема градежната компанија Маврово, вети дека Маврово многу брзо ќе прерасне во модерна компанија. Според претседателот на Управниот одбор на ИНГРА, Игор Опенхајн, „Маврово“ ќе биде вклучено во сите проекти кои ги има ИНГРА, во Хрватска и во регионот. Очекуваат голем успех на пазарите во Европа, регионот и Блискиот исток. 

ИНГРА заедно со „Маврово“ веќе работи на подготовка на проект за учество на тендер за изградба на брана во Алжир. Во врска со долговите што „Маврово“ ги има кон Управата за јавни приходи, раководството на ИНГРА вели дека ќе ги почитува одлуките на надлежните институции и заеднички ќе бараат решение за проблемот.

Француската „Монтипе“ - следна странска инвестиција во „Бунарџик“


До крајот на годинава во слободната економска зона „Бунарџик“ ќе стартува изградбата на фабрика за автоделови во вредност од 60 милиони евра. Фабриката ќе биде директна инвестиција на француската компанија „Монтипе“, која има свои фабрики и во Мексико, Северна Ирска, Канада, Шпанија и Франција, а од годинава и во Бугарија.

Во фабриката во Македонија ќе се произведуваат алуминумски глави за мотори за „форд“, а ќе се извезуваат главно во Англија и во Романија. Меморандумот за разбирање за изградба на фабриката во седиштето на „Монтипе“ во Лењевил на 28 мај го потпишаа премиерот Никола Груевски и извршниот директор на компанијата, Марк Мајус. Груевски пред потпишувањето имаше средба и со претседателот на компанијата, Стефан Менјан, а подоцна разгледа и дел од производствените погони на компанијата. За инвестицијата тој рече дека ќе создаде директно вработување на околу 650 луѓе, а за три до четири години и до 1.000 со вкупна инвестициона вредност од 100 милиони евра. „Ова е добра инвестиција, бидејќи ќе апсорбира значаен дел од слободната работна сила од Македонија“, рече Груевски. Според него, инвестицијата што треба со комерцијална продажба да стартува во 2010 година, годишно е предвидено да остварува приход од 70 до 100 милиони евра, а за пет години на Македонија да и' донесе додадена вредност од 200 милиони евра.

Извршниот директор на „Монтипе“, Мајус, рече дека некои од клучните услови поради кои се решиле да инвестираат во Македонија е тоа што постои даночно олеснување, едукација на високостручни кадри на скопскиот Универзитет, непосредната близина на аеродромот „Александар Велики“ до „Бунарџик“, но и близината на Македонија до Бугарија, каде што компанијата веќе има своја фабрика во Русе. Првичната идеја била да се гради фабрика во Романија, но поради одливот на работна сила од таа земја, компанијата се решила да ја пренасочи инвестицијата во Македонија, каде што условите за инвестирање биле слични и од каде, исто така, може лесно да се овозможи поддршка од фабриката во Бугарија.

Груевски посочи дека компанијата работи врз принцип на висока технологија и поради тоа има мала конкуренција во светот на автомобилската индустрија. „Монтипе“ вработува 4.000 луѓе и има продажба од околу 460 милиони евра. Изработува делови за речиси сите поголеми светски автомобилски компании. Покрај алуминиумски глави за мотори, компанијата произведува и автомобилски гуми, сигурносни уреди, главни цилиндри и други автоделови.

Започна изградбата на Ера Сити

На 28 мај, на Скопски Саем започна изградбата на комуналната инфраструктура на комерцијално-деловната зграда – приоритетен објект од целокупниот комплекс Ера Сити на словенечката Групација Ера. Изградбата ќе трае најмалку една година. Паралелно ќе продолжи изградбата и на другите предвидени објекти кои ќе бидат со различни дејности со најсовремен деловен, трговски и забавен карактер во регионот.

Градежните работи ќе ги изведува конзорциум од домашни компании, предводен од „Гранит“ како носител на работата. Скопската градежна фирма е избрана на меѓународен тендер, на кој, покрај македонски, конкурираа и компании од ЕУ.

Според информацијата од менаџментот на Скопскиот Саем, во тек се разговори со потенцијалните партнери на Ера групацијата за двата шопинг центри. „Нашата цел е до есен, со партнерите да ги договориме сите услови на заедничка изградба на двата трговски центри. Со тоа ќе постигнеме истовремено завршување на главните објекти на комплексот“, велат од Скопски Саем.

Вредноста на целата инвестиција на комплексот Ера Сити ќе изнесува приближно 155 милиони евра, што Групацијата Ера ќе ги реализира преку партнерства. Ера Сити ќе биде единствен повеќенаменски комплекс, кој ќе ги поврзува претприемачките индустрии на Македонија и Словенија, на поширокиот регион, како и на ЕУ. 

 

 

 

 

 

 

 

 

апликација за членство