NEWSLETTER, ЈУНИ 2008
Македонија влезе во Клубот на Реформатори
Премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески, на 4 јуни, во Њујорк во името на Владата на Македонија, го примија годинешното признание од Светска банка, за освоеното четврто место на ранг-листата на десетте најреформски земји во светот според извештајот Doing Business 2008.

Најголемите признанија кои Македонија ги доби од Светската банка за реформите направени за подобрување на бизнис климата се однесуваат на напредокот постигнат во даночните реформи, регистрирањето бизнис, регулаторната гилотина, реформите во царината и забрзувањето на процедурите за добивање дозволи за градба.
На свечената промоција за доделување на наградите на десетте земји – топ реформатори, премиерот Никола Груевски ги презентираше економските политики и успешните реформи кои Владата ги спроведува, а ги спомена и новите идеи за намалувањето на придонесите од плата за третина од сегашните давачки. Инаку, премиерот во претставувањето на економските реформи во Македонија, се осврна и на мерките на кои Владата работи во останатите области за водење бизнис како што се: реформите за подобрување на ефикасноста на Катастарот и регистрирањето имот, судските реформи и забрзувањето на постапките за извршување договори, решавање на стечајните постапки и поедноставување на процедурита за отворање фирма.
Настанот се одржа на Њујоршката берза, каде што присуствуваа владини претставници од останатите девет земји прогласени за најдобри реформатори. Присутни беа и претставници на реномирани американски компании – членки на Fortune 500 листата, меѓу кои General Electric, Cisco, Pfiyer, 3M, Citi Bank, Merill Lznch, Deutsche Bank, UniCredit Group, Credit Suisse, како и претставници на американски бизнис асoцијации, меѓународни финансиски институции, невладини организации, универзитети, медиуми, како и политички и лоби кругови од САД.
Со оваа награда Македонија влезе и во Клубот на реформатори, заедно со најдобрите светски реформски лидери, кој го води Меѓународната финансиска корпорација (IFC), членка на Светска банка.
Според најновиот извештај Doing Business 2008, на IFC, организација која е дел од Светска банка, најреформска земја е Египет, која заради големите реформи минатата година има и најголем скок на листата, а по неа лидер во регионот е Хрватска. Македонија годинава е рангирана на 75-то место, што е скок за 21 место на листата. На прво место и годинава е рангиран Сингапур, како земја во која е најлесно да се прави бизнис. Во извештајот се вклучени 178 земји од целиот свет.
Извештајот Doing Business 2008 е петти по ред годишен извештај на Светската банка, кој е посветен на истражување на регулативите кои го поттикнуваат и ограничуваат бизнисот.
Државата да ја подобри климата за домашни инвестиции
Намалување на придонесите за вработување кои се на екстремно високо ниво и неоданочување на нераспределената добивка се едни од клучните сегменти за кои треба да интервенира Владата за да се создадат услови за подобра бизнис- клима во државата. На ова укажаа македонските стопанственици - учесници на работилницата на тема „Бизнис-планирање“, која се одржа во Битола на 5 јуни.
„За инвестиција е потребен период од повеќе години, затоа итно треба да се интервенира во одредени сегменти во стопанството. Тука се подразбира и поефикасно судство во решавање на економските спорови, како наплатата, исполнувањето на обврските од договорите и слично. Како кочничар се јавува и катастарот“, предупреди Владимир Матевски, координатор на Сојузот на стопански комори на Македонија. ССК веќе ги едуцира домашните стопанственици како да ги искористат претпристапните фондови на Европската унија.
,,Идејата е заедно со локалната самоуправа да ги анимираме стопанствениците и да им овозможиме пристап до европските фондови", изјави Љупчо Груевски, претседател на Клубот на стопанственици. Работилницата ја иницираше Бизнис-клубот од Битола, финансиски поддржана од британската амбасада.
„Лукоил“ сака да се шири во Македонија
„Лукоил“ сака да ги прошири своите активности во Македонија, го информирал претседателот на компанијата Вагит Алекперов претседателот на Македонија Бранко Црвенковски на средбата што се одржала на маргините на економскиот форум во Санкт Петерсбург. Претседателот на „Лукоил“ го информирал претседателот Црвенковски за инвестициските активности на компанијата, особено во државите на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија. Претседателот Црвенковски изразил жалење дека во почетокот „Лукоил“ наидуваше на пречки од административен карактер, што придонесе реализацијата на инвестициите да не се остварува со планираното темпо. Македонскиот претседател ги поддржал плановите за развој на „Лукоил“ во нашата земја и изразил очекување дека во наредниот период тие ќе се реализираат со многу побрзо темпо. Претседателот Црвенковски посебно го потенцирал фактот дека на нашата земја и' се потребни инвестиции, особено од реномирани инвеститори, кои имаат потенцијал да придонесат за економски развој на државата.
Заминува третата група економски промотори
Од Македонија кон крајот на јуни замина и третата група економски промотори. Нивните дестинации се Германија, Франција, Норвешка, Данска, Шведска, Финска и балтичките земји, потоа Русија, Украина и Казахстан, Бугарија со Романија, Израел, Јордан и Египет, Кина, Хонгконг, Кореја и Јапонија и Индија со Малезија, Сингапур и Австралија. Со оваа група, Македонија ќе има вкупно 18 промотори во странство кои треба да помогнат во привлекувањето странски инвестиции.
Првите две групи веќе имаат остварено неколку посети на компании, но директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции, Виктор Мизо, вели дека се' уште нема конечна одлука од ниту една компанија, зашто времето е премногу кратко. Но, според Мизо, постои интерес и паралелно со работата на двајцата министри за странски инвестиции сега се зголемува можноста да се контактира со компании и да се претстават предностите за инвестирање во Македонија.
Промоторите поминаа обука од шест недели во која беа вклучени консултанти од ЕУ и консултант од англиската влада, а изборот на кандидатите, посочува директорот Мизо, е транспарентен.
Експертската група ја поттикнува конкурентноста на прехранбената индустрија
Првиот состанок на Експертската група за конкурентноста на земјоделско-прехранбената индустрија во Брисел на 12 јуни придонесе за трасирање на патот за поттикнување на функционирањето на овој важен сектор во Европа. Групата со која претседава заменик-претседателот на Европската Комисија, Гинтер Верхојген, е составена од Комесарот за земјоделство и рурален развој Маријан Фишер Боел, Комесарот за заштита на потрошувачи Меглена Кунева, Комесарот за здравство Андрула Василиу и искусни креатори на политики од јавниот и приватниот сектор. Нивната задача се состои во препознавање и разгледување на прашањата кои ја дефинираат конкурентноста на земјоделско-прехранбената индустрија и во формулирање на пакет препораки за постигнување на предвидливи и стабилни рамковни услови за блиска иднина.
Заменик-претседателот на Европската Комисија, Гинтер Верхојген, одговорен за претприемничка и индустриска политика, изјави: „Европската земјоделско-прехранбена индустрија е важен сектор, предводен од илјадници високо иновативни динамични мали компании. Висококвалитетна храна за поволни цени е од клучно значење за потрошувачите и за земјоделско-прехранбената индустрија во Европа. Заедно ќе ги препознаеме и ќе ги дискутираме областите на кои треба да им се посвети повеќе внимание со цел зголемување на конкурентноста на индустријата и исполнување на очекувањата на граѓаните.“
Европската прехранбена индустрија е значаен сектор што опфаќа широк спектар на економски активности. За оваа индустрија карактеристичен е комплексен синџир на вредности, што го поврзува снабдувањето со земјоделски суровини, нивна преработка, па се до крајно презентирање пред потрошувачите.
Оваа иницијатива следи по конференцијата „Промовирање на лидерството на земјоделско-прехранбената индустрија“ во ноември 2007, организирана од Directorate General Enterprise на Европската Комисија.
Приоритетни теми на Експертската група се, меѓу другото: прашања од областа на конкурентноста, потребите за иновативност, истражување и развој, одржлива поддршка за мали и средни претпријатија (МСП), поедноставување на прехранбената легислатива и воедно обезбедување на високо ниво на заштита на прехранбените производи, нови средства за одржливо производство, мултилатерални и билатерални трговски договори и начини за надминување на кризата со цените на прехранбени производи и нејзиниот ефект врз прехранбениот ланец.
Индустријата за прехранбени производи и за пијалоци е една од најзначајните и најдинамични индустриски сектори. Неа ја сочинуваат 280.000 компании, од кои над 90 % се МСП, и обезбедува работни места за 4 милиони луѓе. Европската прехранбена индустрија е на прво место во поглед на профит (околу 800 милијарди евра).
Меморандум на Македонската бизнис заедница
„На работа, на труд“, и' порача на новата Влада евромбасадорот Ерван Фуере. Во своето обраќање на презентацијата на Меморандумот на македонската бизнис заедница кој се одржа на 24 јуни во хотелот „Александар Палас“, под слоганот „Кои се потребите на економијата за подобра иднина“ , Фуере нагласи дека новиот владин состав треба да покаже поголема политичка волја и капацитет за продолжување на реформите и дека треба да се слушаат препораките на бизнис заедницата и да се прифаќаат нејзините критики. Според евроамбасадорот, Македонија треба уште да работи на судските реформи, на борбата против корупцијата, на подобрување на ефикасноста на јавната администрација и нејзиното ослободување од политичките влијанија, на забрзување на катастарските постапки за имотните права и во таа смисла на јакнење на капацитетот на општините. Сето тоа е во функција на подобрување на бизнис заедницата која е важен критичар на работењето на владата. „Од интерес на владата, но и нејзина одговорност е да ги слуша предлозите и сугестиите на бизнисмените“, рече Фуере.

Македонските бизнисмени треба да ги преземат работите во свои раце, смета Бернард Валеро, амбасадор на Франција во Македонија. Тој нагласи дека е неопходно бизнис заедницата и владата да имаат отворен дијалог и соработка во функција на поголем економски раст. Валеро го квалификува Меморандумот како извонредна иницијатива која покажува дека работите се движат напред и во вистинска насока.
„Зголемено е интересирањето на француските фирми за инвестирање во Македонија. Притоа, тие сакаат да го знаат одговорот на три клучни прашања, пред да се одлучат за бизнис: каква е правната заштита на нивните инвестиции, какво е функционирањето на администрацијата и, на крајот, какви се даноците, давачките од плата и социјалните трансфери. Јас сум оптимист, бидејќи и досега имаше интерес за вложувања, за што се потврда влезот на француската Сосиете женерал во Охридска банка и најавената инвестиција на ’Монтипе‘ во ’Бунарџик‘, вредна 150 милиони евра“, рече Валеро.
Тој напомена дека, кога Франција ќе го преземе водството на ЕУ на 1 јули, ќе постави три приоритети за економиите на земјите-членки на Унијата, како и на кандидатите за членство. Тоа се: штедење на енергијата и барање обновливи извори на енергија, заштита на животната средина и климатските услови и мерки во земјоделската политика, заради поголема обезбеденост со храна.
Според Гинтер Офнер, претседател на Европската бизнис асоцијација, Меморандумот го подготвија девет стопански комори и бизнис асоцијации од земјава, во кои членуваат 90 проценти од домашните компании, што е потврда дека деловната заедница има интерес за поголема соработка и поддршка со владата.
Иако премиерот Никола Груевски беше поканет за да ги слушне препораките на бизнисмените, тој не дојде на настанот. Како претставник од Владата беше Вера Рафајловска, министерката за економија, која ги повтори досегашните реформски мерки.
Инаку, Меморандумот има за цел постигнување повисока стапка на вработеност, дополнителен економски раст, зголемување на конкурентноста на компаниите, поддршка на процесот за интеграција кон ЕУ и друго. Заради сето тоа, бизнисмените бараат: поголема комуникација со владата, заедничко консултирање за законите од бизнис секторот, професионална јавна администрација, воведување едношалтерски систем секаде каде што е можно, поефикасно користење на субвенциите од странство, модернизација на Законот за работни односи, заштита на правата од интелектуална сопственост, минимизирање на бирократските пречки кои го попречуваат бизнисот, како и финализирање на Коридорите 8 и 10.
Голем поттик за трговија со добра помеѓу земјите-членки на ЕУ
Единствениот пазар за добра во Европската Унија доби голем поттик по финалното одобрение од земјите-членки на 23 јуни за голем пакет мерки кои ги отстранија заостанатите пречки во обаа област. Тоа им донесе значајни придобивки на малите и средни претпријатија (МСП) и тие повеќе нема да бидат обесхрабрени да основаат бизниси надвор од нивните домашни пазари. Постоечките системи за контрола на пазарот на индустриски производи ќе биде зајакнат и прилагоден на увозните контроли. Овие мерки ќе ја зајакнат улогата и веродостојноста на CE-ознаката. Освен тоа, тровијата со добра која не спаѓа под законодавството на ЕУ ќе биде подобрена. Од сега натаму, секоја земја-членка која има намера да одбие пристап на пазарот ќе биде обврзана да зборува со претпријатието и да даде детални објективни причини за кое било можно одбивање, олеснувајќи им го животот на компаниите. Пакетот мерки ќе има влијание врз голем број на индустриски сектори, претставувајќи пазарен волумен од околу 1500 милијарди евра годишно.

Заменик-претседателот на Европската Комисија, Гинтер Верхојген, одговорен за претприемничка и индустриска политика, изјави: „Денешното одобрение претставува голем чекор напред во комплетирањето на Единствениот пазар, со оглед на тоа што овие мерки ќе му дадат голем поттик на внатрешниот пазар од таканаречениот „Делор пакет“ од раните деведесети години. Пакетот ќе биде олеснителен за компаниите, особено за малите претпријатија, во поглед на продажба на производи во другите земји-членки при што високото ниво на заштита ќе биде задржано. Единствениот пазар за добра е камен-темелник на европската конкурентност. Токму затоа го поздравувам договорот на земјите-членки.“
Пакетот гарантира порамнување на Единствениот пазар за добра и ги зајакнува и модернизира условите за пласирање на широк спектар на индустриски прозиводи на пазарот на ЕУ, како што се:
Воведува подобри правила за пазарна контрола со цел заштита на потрошувачите и професионалците од небезбедни производи, вклучувајќи и увоз од трети земји. Ова особено се однесува на процедурите за производи кои можат да бидат опасни по здравјето или животната средина, на пример, кои во таков случај ќе бидат повлечени од пазарот; Ја зголемува довербата во оценките на производите преку зајакнати и појасни правила во врска со условите за известување од страна на телата за проценка на усогласувањето на производите (тестирање, сертификација и инспекциски лаборатории), вклучувајќи ја и зголемената употреба на акредитација; зајакнат систем кој ќе гарантира дека овие тела обезбедуваат висококвалитетни услуги кои им се потребни на производителите, потрошувачите и властите; Ја зголемува веродостојноста и го разјаснува значењето на CE-ознаката. Освен тоа, CE-ознаката ќе биде заштитена како колективен заштитен знак на заедницата кој на властите и на конкурентите ќе им пружа дополнителни средства за преземање законски мерки против производители кои ја злоупотребуваат истата; Воведува заедничка законска рамка за индустриски производи во форма на пакет мерки за употреба во идното законодавство. На тој начин, утврдени се општоприфатени дефиниции (на термини кои понекогаш се користат различно) и процедури кои предвидуваат идното секторско законодавство да стане подоследно и полесно за имплементација.
Пакетот исто така го зајакнува Единствениот пазар на широк спектар на други производи кои не се предмет на ЕУ-хармонизација, како на пример различни видови на прехранбени производи (на пример леб и паста), мебел, велосипеди, скали и драгоцени метали, итн. Заедно тие претставуваат повеќе од 15 % од внатрешната трговија со добра во ЕУ. Овие производи многу често се предмет на многубројни различни национални прописи кои ги утврдуваат условите кои овие производи треба да ги исполнат. До сега, разликите помеѓу овие прописи ги обесхрабруваа компаниите во многу земји-членки, особено малите и средни претпријатија, да инвестираат надвор од нивниот домашен пазар, бидејќи мораа да докажат дека нивните производи се во согласност со техничките прописи во другите земји-членки. Други компании беа обврзани да прават скапи и честопати непотребни усогласувања на нивните производи, така што нивната цена се зголеми и за потрошувачите.
Пакетот усвоен на 23-ти јуни треба да отстрани голем број технички пречки и да ја олесни продажбата на добра во други земји-членки. Национален технички пропис повеќе не треба да претставува пречка за производ кој законски се продава во една земја-членка, т.е истиот може да биде пласиран на пазарот во друга земја-членка. Кога една земја- членка има намера да одбие влез на пазарот, истата ќе мора да даде прецизни и детални објективни причини за таа постапка и на увозната компанија ќе мора да и даде можност да реагира пред донесувањето на конечна одлука.
Оваа промена во однос на оптоварувањето со документација на компаниите ќе им заштеди непотребни трошоци. Друга нова иновација е дека во сите земји-членки ќе бидат основани претставништва за контакт за одделните производи. Тие ќе обезбедат информации за националните технички прописи, така што претпријатијата, особено МСП, ќе можат да добијат веродостојни и прецизни информации за законот кој е на сила во земјите-членки во кои тие планираат да ги продаваат своите производи.
„Предност за МСП“: „A Small Business Act“ за Европа
Малите и средни претпријатија (МСП), компании со 250 или помалку вработени обезбедуваат најголем дел од работните места во Европската Унија. Тие се од клучно значење за идниот развој, но честопати се соочуваат со огромни бирократски пречки и бариери. Европските МСП заслужуваат поголема поддршка со цел целосно развивање на нивниот потенцијал за долгорочен одржлив развој и креирање на нови работни места. За да се постигне оваа цел, Европската Комисија го воведе „the Small Business Act for Europe (SBA)“ на 25 јуни, заснован на 10 водечки принципи и предлага Комисијата и земјите-членки да преземат активности во однос на политиката.

Претседателот на Комисијата Хозе Мануел Баросо изјави: „Денешниот „Small Business Act“ е чекор напред кон Европа на претприемачи, со помалку бирократија и повеќе придобивки за 23-те милиони европски МСП. Таа има за цел да им помогне на малите бизниси да просперираат и да им даде солидна база и можност да го искористат својот потенцијал и да станат светски реномирани компании. „The Small Business Act“ е круцијален камен-темелник во имплементацијата на Лисабонската стратегија за развој и работни места. Тоа ќе подразбира поодговорни јавни администрации, навремено плаќање на фактури, пристап кон поголема помош при финансирање, иновација и обука, понизок ДДВ за услуги на локално ниво и подобрен пристап кон договори за јавна набавка. Пакетот исто така на МСП ќе им обезбеди пристап кон Статутот на европска приватна компанија со цел намалување на бирократијата и зголемување на јасноста“
Заменик-претседателот на Европската Комисија, Гинтер Верхојген, одговорен за претприемничка и индустриска политика, изјави: „Претприемачите и претприемништвото се од огромно значење за нашите општества. Денес, а особено утре, малите и средни претпријатија ќе дадат голем придонес за професионална едукација и можности за вработување. Затоа грижата за МСП истовремено е и грижа за сегашни и идни работни места во ЕУ. Токму затоа крајно време е пријателската политика за МСП да стане тренд во ЕУ. „The Small Business Act “ е мотивиран од принципот „Предност за МСП“ и ја става целата ЕУ и нејзините земји-членки зад малите компании. Заедно можеме да успееме.“
Претседателот на Европската Инвестициона Банка (ЕИБ), Филип Мајстат, додаде: „Анализата на Комисијата ги потврдува заклучоците добиени од извршената консултација на ЕИБ: благосостојбата и просперитетот на малите и средни претпријатија ќе бидат клучни за идната европска конкурентност. Самиот пазар не е во состојба да обезбеди доволно финансиски средства за МСП, особено не за голем раст и иновативни бизниси. Затоа Групата ЕИБ ќе се труди да ги подобри недостатоците на пазарот преку проширување на областа на нејзино финансирање.“
Комисијата предлага автентично политичко партнерство помеѓу ЕУ и земјите-членки кое ќе ја рефлектира политичката волја за препознавање на централната улога на МСП во економијата на ЕУ и за воведување на сеопфатна политичка рамка за ЕУ и нејзините земји-членки. SBA-предлогот оди рака под рака со неодамна најавените планови на Европската Инвестициона Банка за поедноставување, модернизација и разновидност на спектарот на инструменти за поддршка на МСП.
 Во сржта на SBA е убедувањето дека постигнувањето на најдобрите можни рамковни услови за МСП зависи пред се од општественото признание на претприемачите, вклучително занаетчиски работилници, микро претпријатија, семејни или социјално-економски претпријатија, и основање на сопствен бизнис како атрактивна опција. Тоа значи дека негативната перцепција на улогата на претприемачите и на преземањето ризици во ЕУ мора да се смени.
„The European Small Business Act“ одредува 10 принципи кои треба да бидат усвоени на највисоко политичко ниво и конкретни мерки кои ќе им го олеснат животот на малите бизниси. По консултацијата со бизнисите и нивните претставници, Европската Комисија исто така одлучи да предложи нова легислатива во четири области кои особено ги засега МСП:
- Прво, нова Генерална блок ослободувачка регулатива за државна помош ќе ги поедностави процедурите и ќе ги намали трошоците. Ќе го зголеми интензитетот на помош за МСП и ќе им олесни на МСП да имаат придобивка од помошта за обука, истражување и развој, заштита на животната средина и други видови на помош.
- Второ, новиот статут за Европската приватна компанија ќе овозможи создавање на "Societe privee europeenne" (SPE) и негово функционирање според унифицираните принципи во сите земји-членки. Тоа беше основано како одговор на актуелните оптоварувачки обврзувања за МСП кои работат и надвор од своите национални граници и кои мораат да основаат различни подружници во секоја земја-членка во која сакаат да го прошираат својот бизнис. Практично SPE би значело дека МСП можат да ја основаат нивната компанија во истата форма, без разлика на тоа дали работат во својата земја-членка или во некоја друга. Изборот на SPE на претприемачите ќе им заштеди време и пари за правни совети, менаџмент и администрација.
- Трето, нов предлог за ДДВ на земјите-членки ќе им понуди можност да применат снижени стапки на ДДВ за услуги на локално ниво, вклучително работно интензивни услуги кои најчесто ги вршат малите и средни претпријатија.
- На крај, амандман кон директивата за задоцнето плаќање е предвиден за 2009 за да помогне при гарантирањето дека на МСП им е платено во предвидениот рок од 30 дена.
10 принципи ќе ја водат концепцијата и имплементацијата на политики на ниво на ЕУ и на ниво на земји-членки, како на пример давање на втора шанса за бизнис неуспеси, олеснување на пристапот кон финансии и давајќи им можност на МСП да ги претворат еколошките предизвици во можности.
Како дополнување на претстојното обврзување за укинување на административното оптоварување за 25 % до 2012, потребниот период за основање на нова компанија не би требало да трае повеќе од една недела, добивањето на бизнис дозволи и одобрувања не би требало да надмине период од еден месец и едношалтерскиот систем треба да помогне при олеснувањето на процедурите за започнување на бизнис и за вработување на персонал.
Комисијата планира да користи конкретни датуми во годината за стапување на сила на прописи / одлуки кои го засегаат бизнис секторот. Земјите-членки се поканети да земат во предвид слични мерки.
SBA вклучува амбициозен пакет мерки за да им овозможи на МСП да имаат целосна придобивка од Единствениот пазар и да се прошират и на меѓународните пазари со што на малите компании ќе им се овозможи пристап до финансии, истражување и развој, како и иновација. Пакетот мерки исто така ќе им овозможи да земат учество во процесот на поставување стандарди, добивање на договори за јавни набавки и претворање на еколошките предизвици во бизнис можности.
И конечно, SBA бара нови начини за стимулирање на интересот за претприемништво и култивирање на попретприемачки дух, особено меѓу младите луѓе. Млади луѓе кои сакаат да започнат бизнис сега можат да се стекнат со искуство со поминување на време во МСП во странство преку штотуку лансираната програма „Еразмус за млади претприемачи“. Ова ќе им помогне при надоградувањето на нивните вештини и ќе придонесе за поврзување т.е. networking помеѓу МСП во Европа. Слични мобилни програми се исто така во тек за приправници.
SBA е комплексен дел од Стратегијата за развој и работни места. Земјите-членки се поканети да го искористат актуализирањето на Lisbon cycle 2008 со цел рефлектирање на SBA во нивните Национални реформски програми.
Иако 99 % од компаниите во ЕУ се МСП (компании со максимум 250 вработени и максимален профит од 50 милиони евра), поголемиот дел од законодавството и административните процедури не се разликуваат врз основа на големината на компанијата. Како резултат на тоа, 23 милиони МСП честопати треба да исполнат идентични административни услови и барања како и 41,000 големи Европски компании. Во текот на претходните години МСП креираа 80 % од новите работни места во ЕУ.
|